Ayhan Şimşek
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
БЕРЛИН (АА) - Во Германија регистрирани се над 45.000 нови случаи на коронавирусот, додека четвртиот бран на пандемијата продолжува да се шири низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот „Роберт Кох“ соопшти дека во последните 24 часа регистрирани се вкупно 45.326 нови случаи на Ковид-19, додека претходниот ден се евидентирани 30.643 случаи.
Во последните 24 часа како последица на вирусот починаа 309 лица, со што вкупниот број на починати се искачи на 99.433.
Болниците во најтешко погодените жаришта на коронавирусот во источните и јужните региони останаа без кревети на одделите за интензивна нега и почнаа да ги сместуваат новите пациенти во други градови и покраини.
Во Германија вчера на одделенијата за интензивна нега имаше 3.845 тешко болни лица со Ковид-19, од кои 1.968 пациенти на респиратор.
Неколку покраини, меѓу кои и Саксонија и Баварија, воведоа построги ограничувања оваа недела, откажувајќи ги божиќните саеми и наредија затворање на баровите и клубовите во обид да се спречи ширењето на вирусот.
Во повеќето покраини се применува „правилото 2Г“ и само на оние кои се вакцинирани или кои го прележале Ковид-19 им е дозволено да влезат во затворените делови на рестораните или на културни манифестации.