Rania R.a. Abushamala
11 Април 2024•Ажурирај: 13 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Членот на израелскиот воен Кабинет, Бени Ганц вчера изјави дека Хамас е воено поразен и дека војската ќе влезе во Рафа и ќе се врати во Хан Јунис, пренесува Анадолу.
„Од воена гледна точка - Хамас е поразен. Неговите борци се елиминирани или се кријат, а неговите способности се осакатени“, рече Ганц по состанокот на неговата партија Национално единство во јужниот израелски град Сдерот, пишува „Тајмс оф Израел“.
„Ќе влеземе во Рафа. Ќе се вратиме во Хан Јунис. Ќе дејствуваме и во Газа. Секаде каде што има терористички цели“, додаде тој.
Израелскиот Канал 12 објави дека имало „жестоки несогласувања и дискусии“ меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и неколку негови министри, од една страна, и началникот на Генералштабот, Херзи Халеви, од друга страна, во врска со одложувањето на воената операција во Рафа, во јужниот дел на Газа.
Каналот наведува дека „на проширената седница на воениот Кабинет во вторникот избувнала жестока дискусија по повлекувањето на израелската Армија од Хан Јунис и одложувањето на операцијата во Рафа“.
Кабинетот се состана во вторникот вечерта во контекст на разговорите за договорот за размена на затвореници и повлекувањето на израелската Армија од Хан Јунис, објави Каналот.
За време на состанокот, министерот за правда Јарив Левин праша:
„Како силите можат да се повлечат од Хан Јунис пред Рамазанскиот бајрам?“
Халеви одговори:
„Таму го завршивме маневарот и ги исцрпивме нашите цели засега, и сакаме да ги подмладиме нашите сили и да се подготвиме за Рафа“.
Како што објави Канал 12, министерот за финансии Израел Кац се вмеша во дискусијата, велејќи:
„Зошто чекаме? Веќе требаше да бидеме таму“.
Нетанјаху, кој зависи од екстремно десничарските сојузници за да ја задржи неговата влада на власт, не молчеше и му се обрати на Халеви, велејќи: „Зошто првично не предложивте влез на југ и на север?“
Халеви одговори: „Што се однесува до Рафа, препорачувам да не се разговара за времето на влегување. Кога непријателот ќе разбере кога и како точно ќе се случи, тоа ќе резултира со жртви.“