Ekip
26 Февруари 2025•Ажурирај: 27 Февруари 2025
ДЕИР АЛ-БАЛАХ (АА) - Раселените Палестинци во Деир ал-Балах, Газа, се соочуваат со тешки зимски услови борејќи се да преживеат и да се стоплат во импровизираните шатори во тешките животни околности, јавува Анадолу.
Израелската блокада на влезот на монтажните куќички во опколената енклава ја продлабочува хуманитарната криза.
Многу семејства што престојуваат во импровизирани шатори ги загреваат така што го горат тоа што ќе го најдат, со оглед на тоа дека дрвото за огрев е реткост, правејќи очајни напори да ги заштитат своите деца од студот.
„Ние сме 14-члено семејство со мали деца. Седиме во шатор што е многу студен. Јас палам пластика и најлон за да ги стоплам моите деца“, рече Ом Мухамад ал-Масри, која се засолнила во шатор со своите деца откако е раселена од Беит Ханун.
„Нашиот шатор беше поплавен. Сè во шаторот беше натопено, постелнината ни беше мокра. Едно од моите деца мораше да го однесеме во болница поради студот. Тоа разви акутна пневмонија од ниските температури“, рече таа.
Тешките временски услови, недостигот на соодветно засолниште и тековната блокада на хуманитарната помош од страна на Израел создадоа сè поочајна ситуација за стотици илјади раселени Палестинци.
Ограничувањата на Израел за влез на помош во Газа - и во однос на количината и видот - само ја влошија кризата, оставајќи ги жителите без пристап до најосновните потреби, како храна, лекови и огрев.
Договорот за прекин на огнот во Газа и размена на затвореници стапи на сила минатиот месец, со што беше запрена геноцидната војна во Израел, во која се убиени речиси 48.350 Палестинци, главно жени и деца, а енклавата ја остави во урнатини.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.