Muhammed Sabry
12 Март 2024•Ажурирај: 13 Март 2024
ГАЗА (АА) - Неколкумина Палестинци загинаа, а десетици се повредени денес во ново израелско гранатирање на Палестинците кои чекаа хуманитарна помош во северниот дел на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Израелските сили отворија оган врз Палестинците кои чекаа да добијат помош во близина на кружниот тек Кувајт, соопшти Саламе Маруф, шеф на владината Канцеларија за медиуми со седиште во Газа.
Тој истакна дека со новиот напад бројот на Палестинци убиени додека чекаат хуманитарна помош достигнал 400, додека 1.300 се повредени.
Претходно, палестинската новинска агенција Вафа објави дека најмалку девет лица загинале, а над 20 се повредени кога израелската војска фрлила бомби и отворила оган врз Палестинците кои ги чекале камионите со помош јужно од градот Газа.
Махмуд Басал, портпарол на единицата за Цивилна одбрана на енклавата, за Анадолу изјави дека израелската војска ги нападнала Палестинците кои ги чекале камионите со помош во близина на кружниот тек Кувајт јужно од градот Газа.
Израел започна одмаздничка офанзива врз Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Во офанзивата загинаа повеќе од 31.100 Палестинци, а повредени се над 72.000.
Израел, исто така, воведе блокада на палестинската енклава, оставајќи го своето население, особено жителите на Северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа на внатрешно раселување поради уништувачката блокада и недостигот на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да се гарантира хуманитарна помош за цивилите во Газа.