Ekip
01 Септември 2018•Ажурирај: 02 Септември 2018
ЈАНГОН (АА) - Војската на Мјанмар денес соопшти дека завршила со регрутирање на малолетни лица, додека уште 75 деца војници се отпуштени од службата, јавува Anadolu Agency (AA).
Мјанмар, кој со години се наоѓа на листата на земји кои ги регрутираат децата за борба, во 2012 година потпиша договор со ОН дека ќе заврши со регрутирањето и користењето на деца војници.
Официјален претставник на Армијата на Мјанмар изјави дека в петок ќе бидат отпуштени уште 75 деца војници, со што вкупниот број на малолетни регрути од 2012 година ќе изнесува 924.
„Признавме дека постоеше регрутирање и користење на деца војници во минатото. Но, ние сме посветени да го запреме тоа и да започне мировниот процес. Затоа потпишавме договор со ОН во 2012 година“, изјави официјален претставник на Министерството за одбрана, под услов на анонимност.
„Ослободувањето е дел од нашиот напор да се стави крај на користењето малолетни војници“, додаде тој.
Тој сепак одби да го каже бројот на малолетни војници во времето на регрутирање, кои во моментот се на служба.
Специјалната претставничка на генералниот секретар на ОН за деца и вооружени конфликти, Вирџинија Гамба, го поздрави овој потег.
„Ослободувањето на овие деца и млади лица е чекор напред во имплементирањето на заедничкиот Акциски план потпишан во 2012 година од страна на Владата на Мјанмар и во зајакнувањето на заштитната рамка за децата во земјата“, соопшти Гамба вчера.