Sinan Doğan
26 Февруари 2025•Ажурирај: 26 Февруари 2025
БОГОТА (АА) - Во јужноамериканската земја Чиле е прогласена вонредна состојба поради прекин на електричната енергија што опфати 99 % од земјата, известува Анадолу.
Според вестите објавени во националните медиуми, прекинот на струја низ целата земја погоди повеќе од 8 милиони луѓе и доведе до застој во секојдневниот животот.
Владата прогласи вонредна состојба откако речиси целата земја остана без струја и воведе полициски час во многу региони, особено во главниот град Сантијаго.
Прекинот на струјата го наруши транспортот и секојдневниот живот, предизвикувајќи голем хаос во сообраќајот, особено во Сантијаго.
Додека банкарските активности, финансиите, рударството и комерцијалните активности се стопирани во Чиле, илјадници полицајци и војници се распоредени на критичните точки за да се осигури јавната безбедност.
Локалните медиуми објавија дека електричната енергија е вратена во некои области, но се расипале голем број фрижидери, машини за перење, машини за миење садови и други апарати за домаќинство.
- Бориќ го обвинува приватниот сектор за прекинот на струјата
Чилеанскиот претседател Габриел Бориќ изјави дека е неприфатлива настанатата ситуација која погоди милиони луѓе.
„Ова што се случува денес нѐ налути сите. Секојдневниот живот на милиони луѓе беше негативно погоден од неодговорноста на една или неколку компании. Ќе се погрижиме одговорните за тоа да одговараат. Исто така, сакаме институциите да функционираат правилно и оваа вонредна состојба да заврши што е можно поскоро“, рече Бориќ.
„Знаеме дека во некои области е вратена електричната енергија, но ситуацијата сѐ уште е нестабилна. Затоа мора да се однесуваме претпазливо. Воениот персонал, полицијата и истражните тимови се на терен“, рече Бориќ, обвинувајќи ја компанијата „ИСА Чиле“ (ISA Chile) за прекинот на електричната енергија.
- Илјадници патници беа негативно погодени
Како што покажуваат снимките објавени на социјалните мрежи, од прекинот на струјата се погодени илјадници патници кои во утринските часови тргнале на работа.
На автобуските постојки се создадоа долги редици поради прекините во автобуските и такси услугите.