Michael Sercan Daventry
23 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
ЛОНДОН (АА) - Доказите за соработката меѓу Русија, сирискиот режим и курдските сили во Сирија се многу вознемирувачки и ѝ создаваат јасна непријатност на Велика Британија, изјави британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи пред британскиот парламент, Хамонд изјави дека сириските Курди се „важен дел од секој мировен договор во Сирија”, но дека доказите што укажуваат на нивната соработка со сириската влада на претседателот Башар ал-Асад и руските воздушни сили на Велика Британија и создаваат голема непријатност.
„Она што го видовме изминатите недели е многу вознемирувачки доказ за соработката меѓу курдските сили, сирискиот режим и руските воздухопловни сили”, изјави шефот на британската дипломатија.
Препознавајќи ја загриженоста на Турција поради поддршката на сириските групи поврзани со терористичката организација ПКК, Хамонд рече:
„Турција има проблем поради врската помеѓу ПКК и сириските курдски групи, ПКК е терористичка организација и како таква е прогласена во Турција, но и во Велика Британија.”