Selen Temizer
13 Февруари 2019•Ажурирај: 13 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Селен ТЕМИЗЕР -
На трилатералниот самит за Сирија, кој утре ќе биде одржан во Сочи, лидерите на Русија, Турција и Иран ќе разговараат за влошената безбедносна ситуација во Идлиб, за процесот на повлекување на американските сили од Сирија и за формирање комитет за пишување на нацртот на новиот устав, јавува Anadolu Agency (AA).
Лидерите на земјите гаранти на процесот од Астана ќе присуствуваат на четвртиот самит за Сирија, а се очекува и присуство на технички делегации од трите земји.
Планирано е и рускиот претседател, Владимир Путин, одвоено да се состане со турскиот колега, Реџеп Таип Ердоган, и со претседателот на Иран, Хасан Рохани.
Се очекува лидерите на трите земји на самитот да испратат пораки за продолжение на соработката, кога станува збор за територијалното единство на Сирија, за заедничката борба против тероризмот и сепаратизмот, односно за зачувување на соработката воспоставена во рамките на процесот во Астана.
Лидерите последен пат се состанаа на 7 септември 2018 година во Техеран, а на тој самит најмногу е разговарано за ситуацијата во зоната на деескалација на судирите во Идлиб. На самитот во Техеран турскиот претседател Ердоган повика на примирје во Идлиб и заштита на цивилите.
Потоа, Ердоган со рускиот колега Путин на 17 септември 2018 година се состана во Сочи, кога беше потпишан договор за јакнење на примирјето во Идлиб. Во согласност со договорот од Сочи, опозицијата од одредени подрачја го повлече тешкото вооружување, воспоставено е делумно примирје и цивилите започнаа да се враќаат во своите домови. Меѓутоа, кратко потоа, режимските сили и терористичките групи кои ги поддржува Иран, започнаа да извршуваат нови напади на населбите.
На утрешниот самит се очекува дека најмногу ќе се разговара за влошувањето на безбедносната ситуација до кое доведоа странските терористички групи во режимските редови во Идлиб.
Споменатите групи вчера извршија повеќе од 100 напади на Идлиб.
Русија ѝ предложи на Турција заедничка операција против елементите, меѓу кои е и Хајат Тахрир ал Шам, група која се смета за една од одговорните за зголемувањето на насилството.
Турција не е склона кон тој предлог бидејќи смета дека ваквата операција би можела да донесе до хуманитарна криза на тоа подрачје.
Тројцата лидери на самитот во Сочи би требало да разговараат и за повлекувањето на американските сили од Сирија, состојбата во Мунбич и можната операција на Турција источно од Еуфрат.
Русија во принцип не се противи на операцијата против припадниците на ЈПГ/ПКК источно од Еуфрат. Сепак, Москва сака споменатата територија да биде оставена на режимските сили, па со самото тоа е присутно и очекувањето тоа да биде сторено во краток рок.
Сепак, Турција е загрижена поради можноста за формирање модел сличен на оној во Хасека, според кој режимските сили и припадниците на ЈПГ/ПКК живеат во слога.
Поради тоа, Анкара сака да преземе воена мера и да го спречи враќањето на ЈПГ/ПКК со подсредство на режимските сили.
Русија во оваа фаза покажува и намера за формирање на односите и соработката меѓу Турција и режимските сили.
Напорите за формирање уставотворен комитет се запрени на листата од 50 лица, поради имињата што ги предлага делегацијата на режимот. Режимот, кој би требало да ги предложи имињата на кандидатите кои ќе бидат цивили и релативно непристрасни, инсистира на листата да бидат поставени лица меѓу кои се и високо позиционирани челници.
Турција, која е земја гарант на опозицијата, од друга страна нагласува дека е неопходно уставотворниот комитет да се состои од сигурни и урамнотежени личности.