Riyaz Khaliq Khaliq
09 Февруари 2022•Ажурирај: 10 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Несомненото влијание на тензиите помеѓу Русија и Украина врз снабдувањето со енергија, ја натера Јапонија да размислува за пренасочување на своите резерви на течен природен гас (ЛНГ) кон Европа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Јапонија планира да обезбеди дел од своите резерви на течен природен гас на Европа бидејќи тензиите помеѓу Русија и Западот околу Украина ја поткопуваат енергетската безбедност во регионот“, изјавија денес извори од јапонската Влада за јапонската новинска агенција „Кјодо њуз“ .
Изворите рекоа дека Токио ќе „обезбеди доволно снабдување за домашните потреби пред да им пружи помош на европските земји кои се соочуваат со закана за прекин во снабдувањето со руски гас во случај на напад од страна на Москва на Украина“.
Додека Владата на премиерот Фумио Кишида разговара за количините и времето за пренасочување на течниот природен гас кон Европа, таа може, исто така, да побара соработка и од јапонските компании вклучени во бизнисот на ЛНГ за огромниот чекор.
Тензиите во Украина се зголемуваат со месеци откако Русија собра десетици илјади војници во близина на границата со Украина, за што Западот вели дека е подготовка за војна. И НАТО и ЕУ предупредија на тешки последици ако Москва го нападне својот сосед.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, велејќи дека војниците се таму само за вежби.
Планот на Токио да ги пренасочи своите резерви на течен природен гас во Европа дојде откако САД побараа од Јапонија „да ја продолжи енергетската помош за да обезбеди стабилно снабдување со енергија во регионот за време на зимата“.
Русија снабдува околу 40 проценти од вкупните потреби за гас во Европа.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, на состанокот минатата недела рече: „Русија нема да се двоуми да го употреби снабдувањето со енергија во Европа како оружје за геополитичка добивка поради покачувањето на цените на енергијата низ светот.“
Сепак, во извештајот се вели дека побарувачката на течен природен гас за греење има тенденција да ја надмине понудата за месец февруари во Јапонија.
„Ние ќе видиме дали има нешто што можеме да направиме без да влијаеме на секојдневниот живот на луѓето“, изјави јапонскиот министер за економија, трговија и индустрија, Коичи Хагиуда, претходно овој месец.