Lokman İlhan
25 Јануари 2019•Ажурирај: 26 Јануари 2019
КАРАКАС (AA) - Во текот на протестите што од почетокот на неделата се одржуваат во Венецуела, приведени се 268 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Меѓутоа, изворите на опозицијата наведуваат дека се приведени 364, а загинале 26 лица.
Командантот на Единицата за стратешка одбрана, Вилијам Серантес Пинто, за локалните медиуми изјави дека се приведени 268 лица, што беа вмешани во нередите од оваа седмица.
Центарот за мониторирање на социјални проблеми во Венецуела, кој делува при опозицијата, наведе дека во текот на нередите загинале 26 лица. Меѓутоа, официјалните институции сè уште не се огласија во врска со овие наводи.
Протестите во Венецуела почнаа на 10 јануари, на денот кога претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, положи свечена заклетва и го започна вториот мандат на функцијата шеф на државата.
Опозицијата во Венецуела не ја признава власта на претседателот Мадуро, а челникот на опозицијата и Парламентот на таа земја, Хуан Гуаидо, се прогласи за привремен претседател.
Мадуро тврди дека станува збор за обид за државен удар поддржан од САД, кои отворено застанаа на страната на опозицијата и Гуаидо.
Освен САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај. Од друга страна, Турција, Иран, Боливија, Мексико и уште некои земји и понатаму го признаваат легитимитетот и ја поддржуваат власта на Мадуро.