Lokman İlhan
25 Јануари 2019•Ажурирај: 25 Јануари 2019
КАРАКАС (AA) - Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, упати благодарност до Турција, Русија и Кина поради нивната поддршка за него против самопрогласувањето на претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гуаидо, за привремен претседател на државата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мадуро во објава на социјалните мрежи истакна дека Венецуела не е сама.
„Упатувам благодарност до Русија, Кина, Турција и другите влади и народи во светот поради нивната цврста поддршка за легално формираната Влада на Венецуела. Благодарност за одлучната поддршка“, додаде Мадуро.
Митинзите што ги организираа опозицијата и власта пред неколку дена во Венецуела, предизвикаа исклучително значајни настани за земјата и регионот.
Гуаидо, претседателот на Националното собрание, чиј поголем дел од контролата е во рацете на опозицијата, се прогласи за привремен претседател на државата, кого потоа го признаа и земји како САД, Канада, Колумбија, Перу, Еквадор, Парагвај, Бразил, Чиле, Панама, Аргентина, Костарика и Гватемала.
Од друга страна, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, од претседателската палата „Мирафлорес“ во Каракас се обрати пред илјадници жители на Венецуела, при што соопшти дека ги укинал сите односи со САД и побара дипломатите на САД да ја напуштат земјата во рок од 72 часа.