Nour Mahd Ali Abu Aisha,Afra Aksoy
02 Август 2018•Ажурирај: 04 Август 2018
ГАЗА (AA) - Во текот на израелските интервенции на масовните демонстрации „Големиот марш за враќање“, кои од 30 март се одржуваат на границата на Израел и Појасот Газа, загинаа 155 Палестинци, а ранети се повеќе од 17.000, јавува Anadolu Agency (AA).
Ешреф ал Кудра, гласноговорник на Министерството за здравство на Палестина, соопшти дека меѓу смртно настраданите се наоѓаат и 23 малолетници, три жени и двајца медицински работници.
Во текот на мирните демонстрации, истакна, ранети се 17.259 Палестинци. Од таа бројка, потврди Кудра, повеќе од 4.000 се ранети со боева муниција, 430 со гумени куршуми, а повеќе од 5.000 побарале помош поради последиците од солзавец и гелери (парчиња од распрснат експлозивен проектил, заб. на прев.).
Кудра изјави дека меѓу ранетите се наоѓаат и 3.279 малолетници и 1.553 жени. Повеќе од 400 лица се во тешка здравствена состојба.
Палестинците од 30 март, Денот на земјата, на границата на Израел и Појасот Газа, го организираат „Големиот марш за враќање“. Израелските војници, од друга страна, против цивилното население, кое бара „враќање на територијата од која е протерано и укинување на опсадата на Газа воведена во 2006 година“, користат боева муниција.