Sümeyye Dilara Dinçer,Atila Altuntaş
12 Октомври 2021•Ажурирај: 13 Октомври 2021
АНКАРА (АА) – СУМЕЈА ДИЛАРА ДИНЧЕР/АТИЛА АЛТУНТАШ -
Случаите на сексуално вознемирување и силување предизвикуваат загриженост во скандинавските земји, кои се сметаат за први во однос на родовата еднаквост во светот, пишува Агенција Анадолија (АА).
Шведска, една од најпросперитетните земји во регионот, има најлоша репутација во однос на сексуалното вознемирување и силување. Во Финска, со население од 5,5 милиони, се наведува дека околу 50.000 жени секоја година се изложени на сексуално насилство.
Во Норвешка, татковината на викинзите, властите се критикувани дека не презеле соодветни мерки за да ги спречат силувањата и другите сексуални насилства.
Во Данска, огромното мнозинство случаи на силување не се пријавени во полиција.
- Шведска е најозлогласената земја во регионот во однос на случаите на сексуално вознемирување и силување -
Земјата со најлоша репутација за сексуално вознемирување и силување во регионот е Шведска, со БДП по глава на жител од околу 52.000 долари во 2020 година.
Според податоците на Еуростат, статистичката агенција на Европската Унија, Шведска се најде на првото место на листата земји со најголем број случаи на силување во Европа помеѓу 2013 и 2017 година.
Моника Ландергард, портпарол на Шведскиот национален совет за превенција на криминал (BRA), со дописникот на АА ги сподели податоците од истражувањето спроведено од Советот.
Ландергард нагласи дека случаите на силување се зголемени за 44 проценти од 2011 до 2020 година во Шведска. Истражувањето на Шведскиот национален совет за превенција од криминал (BRA) покажува дека приближно 25.000 луѓе се сексуално нападнати во 2020 година во земјата со 10 милиони жители, од кои 9.360 од нив се случаи на силување.
- 50.000 жени во Финска се подложени на сексуално насилство секоја година -
Во Финска, која има 5,5 милиони жители, бројот на жени што се изложени на сексуално насилство секоја година е на алармантно ниво.
Извештајот објавен од страна на „Амнести интернешнал“ во 2019 година открива дека околу 50.000 жени во Финска се изложени на сексуално насилство годишно, а сторителите главно не се изведуваат пред лицето на правдата.
- Норвешките власти се критикувани дека не успеале да ги спречат случаите на сексуално насилство -
Во Норвешка, каде што случаите на сексуално вознемирување се зголемија во последниве години како и во другите скандинавски земји, властите се критикувани дека не презеле соодветни мерки за да ги спречат силувањата и другите случаи на сексуално насилство или пак, да се справат со последиците од овие злосторства.
Според податоците на компанијата „Статиста“ за 2020 година, која обезбедува статистички податоци на интернет, минатата година имало 1.756 случаи на силување во Норвешка. Се наведува дека оваа бројка изнесувала 1.286 во 2015 година.
Бројот на случаи на сексуално вознемирување во Норвешка, според податоците, во 2020 година изнесува 6.874.
Се проценува дека во земјата преовладуваат верувања кои им отежнуваат на жртвите на силување да контактираат со полицијата или да побараат медицинска помош.
- Повеќето случаи на силување во Данска не се пријавени во полиција -
Се наведува дека во Данска повеќето случаи на силување не се пријавени во полиција, а веројатноста за гонење или осудување е многу мала.
Од 24.000 жени што биле силувани или за кои имало обид за силување во земјата во 2017 година, само 890 поднеле пријава во полиција. Започнати се истраги против 535 од нив, а само 94 резултираа со пресуди.
- Истражувањата покажуваат дека стапката на странски државјани е висока кај сторителите на сексуални вознемирувања -
Во меѓувреме, истражување спроведено од Финската младинска истражувачка мрежа и Институтот за криминологија и правна политика на Универзитетот во Хелсинки, откри дека земјата има висока стапка на странски државјани кои се извршители на сексуално вознемирување.
Во истражувањето, утврдено е дека 27 проценти од сторителите на сексуално вознемирување во периодот 2011-2020 година и 15 проценти од извршителите на сексуална злоупотреба врз деца се странски државјани.
Друго истражување спроведено од Универзитетот „Лунд“ во Шведска се фокусираше на лицата осудени за силување во периодот од 2000 до 2015 година. Истражувањето покажа дека 60 проценти од осудените за силување се странски државјани.
Ардаван Кошнуд, професор на Универзитетот „Лунд“, истакнувајќи дека резултатите од истражувањето се објавени во мај 2021 година, рече: „Испитавме 3.039 лица осудени за силување во Шведска. 47 проценти се родени надвор од Шведска, а 13 проценти се странци кои се родени во Шведска.“