Во силен земјотрес во Јапонија повредени 30 лица, бранови од цунами стигнаа до брегот на Пацификот
– Најмалку 30 лица се повредени во силен земјотрес со јачина од 7,5 степени што го погоди североисточниот дел на Јапонија доцна синоќа, при што бранови од цунами високи до 70 сантиметри го зафатија пацифичкиот брег
АНКАРА (AA) – Најмалку 30 лица се повредени во силен земјотрес со јачина од 7,5 степени што го погоди североисточниот дел на Јапонија доцна синоќа, при што бранови од цунами високи до 70 сантиметри го зафатија пацифичкиот брег, јавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Најголем број од повредените се пријавени во префектурите Аомори и Хокаидо, кои се наоѓаат покрај една од најактивните сеизмички зони каде што честопати се регистрираат силни земјотреси поради навлегувањето на Пацифичката плоча под островот Хоншу, пренесе „Кјодо њуз“.
Првично земјотресот беше измерен со магнитуда од 7,6 степени, а подоцна јачината беше коригирана на 7,5 степени.
Властите предупредија дека регионот би можел да се соочи со уште еден силен потрес од слична или поголема јачина во наредните денови, а Владата нареди илјадници жители да бидат подготвени за евакуација.
За прв пат, Јапонската метеоролошка агенција (JMA) издаде посебно предупредување за крајбрежните области на Хокаидо и крајбрежјето Санрику, кое се протега низ префектурите Аомори, Ивате и Мијаги.
Земјотресот се случи околу 23:15 часот по локално време вчера (14:15 GMT), по што беа издадени предупредувања за цунами и препораки за засолнување. Подоцна предупредувањата беа укинати.
Потресот беше регистриран на длабочина од околу 53 километри, крај брегот на северниот дел од префектурата Аомори.
Премиерката Санае Такаичи ги повика жителите да останат внимателни, да ги следат известувањата од локалните власти и да преземат мерки на претпазливост, како што е обезбедување на нестабилните предмети во домовите.
„Владата апелира жителите да продолжат со секојдневните активности, но да бидат подготвени за моментална евакуација доколку почувствуваат тресење“, изјави Такаичи.
Во часовите по главниот потрес биле регистрирани неколку последователни потреси со јачина од 5,0 до 6,6 степени, според Американската геолошка служба (USGS).
Првичните предупредувања за цунами беа издадени за префектурите Аомори, Ивате и централниот пацифички брег на Хокаидо, додека цунами-совети беа објавени за Мијаѓи, Фукушима и западниот и источниот пацифички брег на Хокаидо.
Подоцна сите предупредувања беа сведени на ниво на совет, а земјотресот предизвика и прекин на електричната енергија во околу 2.700 домаќинства во Аомори.
Нуклеарните централи во Хокаидо, Аомори, Мијаги и Фукушима не пријавиле никакви неправилности.
