Sayed Khodaberdi Sadat
21 Октомври 2018•Ажурирај: 22 Октомври 2018
КАБУЛ (АА) - Во Авганистан денес се продолжени парламентарните избори кои вчера беа обележани со голем број напади и инциденти на гласачките места, јавува Anadolu Agency (AA).
Во поголемиот дел на Авганистан вчера се одржани парламентарни избори, а со одлуката на Изборната комисија на оваа земја и поради безбедносните проблеми, процесот на речиси 400 гласачки места е пролонгиран за денес.
Изборите се одржуваат со максимални безбедносни мерки.
Парламентарните избори во Авганистан, први од 2010 година, се одржуваат овој викенд, а првиот ден од изборите ги обележаа вкупно 193 напади во кои се убиени најмалку 36 лица.
Најголемиот напад се случи синоќа во центарот на Кабул, кога бомбаш-самоубиец уби најмалку 15 лица.
И предизборната кампања протече во сенка на честите бомбашки напади. Минатата недела во бомбашкиот напад на предизборниот митинг во Тахкар се убиени најмалку 22 лица. Слични напади однесоа десетици човечки животи и во Хелманд и Нангархар.
Талибанското милитантско движење се противеше на одржувањето на изборите и претходно објави закана дека гласачките места ќе бидат цел на нападите.
Мисијата на ОН за поддршка на Авганистан (UNAMA) изрази загриженост поради обемот на насилството кое се случуваше во пресрет на изборите во оваа земја.