Gamze Türkoğlu Oğuz
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е рано да се зборува за санкции кон Саудиска Арабија поради убиството на новинарот Џамал Кашоги во Конзулатот во Истанбул, и дека првиот престолонаследник Мухамед бин Селман го смета за многу силен лидер, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп во интервју за весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post) истакна дека никој од неговата администрација не го обвинува принцот Бин Селман за каква било поврзаност со убиството на Кашоги.
„Принцот е силна личност со многу добра контрола и вистински ја сака својата земја“, изјави Трамп, и додаде дека не би сакал на местото на престолонаследникот Бин Селман да дојде некој друг.
Тој за време на интервјуто во повеќе наврати укажуваше на важноста на американско-саудиските односи и на улогата на принцот Бин Селман во тие односи.
Пофалувајќи ја Саудиска Арабија поради тоа што го купува оружјето од САД, Трамп изјави дека официјален Ријад со цените за нафтата го ставил Иран во ќош.
„Немаме таму никој друг кој ќе ни помогне во заштитата на Израел“, порача Трамп.
Американскиот претседател Трамп, исто така изјави дека запирањето на американската продажба на оружје на Саудиска Арабија би било од корист за Кина и Русија кои би влегле на тој пазар.
Новинарот и колумнист на весникот „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Властите на Саудиска Арабија по 17 дена признаа дека Кашоги е убиен.