Mahmoud Barakat
21 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Голем број арапски земји го поздравија саудиското објаснување во однос на околностите за убиството на новинарот Џамал Кашоги, пренесува Anadolu Agency (AA).
Kашоги, саудиски новинар и колумнист во „Вашингтон пост“ (The Washington Post), исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По денови на негирање дека знае каде се наоѓа Кашоги, Саудиска Арабија вчера истакна дека Кашоги починал за време на расправија во Конзулатот.
Во соопштение, египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека „ги цени резултатите од прелиминарната [саудиска] истрага за случајот“.
„Одлуките и дејствијата преземени од страна на саудискиот крал Селман бин Абдулазиз се во согласност со почитувањето на принципите на правото и примената на правдата“, се додава.
Слична пофалба дојде и од Обединетите Арапски Емирати, кои исто така „ги поздравија директивите и одлуките на кралот Селман“, јави државната новинска агенција.
Бахреин истакнува дека одлуките на саудискиот монарх се со цел „да се воспостави правда и еднаквост и да се откријат фактите“, соопшти телевизискиот канал на Саудиска Арабија „Ал-Екбарија“.
Палестина, од своја страна, истакнува: „Саудиска Арабија, под водство на Чуварот на двете свети џамии, кралот Селман бин Абдулазиз, и престолонаследникот Мухамед бин Селман, ќе остане држава на правдата, вредностите и принципите“.
Според државната палестинска новинска агенција „Вафа“, Палестина ја пофали саудиската одлука за „воспоставување на правдата, праведноста, фактите и законот“.
Како што пренесе државната новинска агенциија „Саба“, јеменските власти преку соопштение истакнуваат дека наодите од саудиската истрага „се одраз на континуираното и сериозно проследување на истрагата од страна на саудиските институции“.
Во соопштението се вели дека Ријад „секогаш ја проверува појавата на одредена грешка што може да се случи од некоја од нејзините институции, работи веднаш на нејзино итно решавање, ги презема неопходните дејствија и ги сведува сторителите на одговорност како што се случи и во овој инцидент [убиството на Кашоги]“.
Според извори од турската полиција, на денот на исчезнувањето на Кашоги, 15 Саудијци, меѓу кои и неколку официјални лица, пристигнаа во Истанбул со два авиона и го посетија Конзулатот, додека Кашоги сè уште беше внатре. Оттогаш, сите идентификувани лица ја напуштија Турција.
Заеднички турско-саудиски тим ја заврши истрагата за случајот во четвртокот, по пребарувањето на резиденцијата на генералниот конзул, како и на саудискиот Конзулат во Истанбул.