Ekipa
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
РИЈАД (АА) - Владата на Саудиска Арабија ја укина обврската за посебен влез за мажите беќари во рестораните, како дел од програмата за социјална експанзија во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за општини и рурални работи на официјалниот твитер-профил ги соопшти промените во правилникот што треба да ги следат рестораните во Саудиска Арабија.
„Укината е обврската за посебен влез во рестораните за мажите беќари, семејствата и жените“, се истакнува во соопштението.
- Програма за социјална експанзија на Саудиска Арабија -
Саудискиот престолонаследник, Мухамед бин Селман, на состанокот „Инцијативи за идни инвестиции“, одржан во Ријад на 24 октомври 2017 година, организиран од Фондот за јавни инвестиции, на кој присуствуваа 2.500 лица од околу 60 земји, рече дека земјата ќе ја претвори во земја со „умерен ислам“.
Претходно беа укинати ограничувањата жените да не можат да возат автомобили, да основаат компанија без дозвола на родителите, да работат во Министерството за правда и да одат на стадион за спортски натпревари.
Во рамките на оваа програма, во земјата се отворија кино-сали, беа организирани оперски претстави и џез-фестивали.