Melike Pala
19 Септември 2025•Ажурирај: 20 Септември 2025
БРИСЕЛ (АА) - Француската полиција приведе 309 лица, вклучувајќи 134 задржани во притвор, за време на националните протести на кои учествуваа 1 милион луѓе против пензиската реформа и падот на куповната моќ, објави денес телевизиската станица БФМ, јавува Анадолу.
Министерот за внатрешни работи Бруно Ретајо го поздрави тоа што Франција „не е блокирана“ и покрај она што го опиша како присуство на „7.300 радикализирани лица“.
Штрајкот, започнат на 18 септември на повик на неколку синдикати, собра повеќе од 500.000 демонстранти, според властите, додека синдикатот ЦГТ тврди дека учеството надминало 1 милион.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека приведувањата главно се поврзани со насилство, оштетување на имот и неовластени маршеви.
Премиерот Себастијан Лекорни остро ги осуди „злоупотребите“ насочени кон полицијата и „штетата направена“ за време на протестите.
Седум полицајци, 10 демонстранти и еден новинар беа повредени во протестите, соопшти Министерството за внатрешни работи вчера.
Сепак, синдикатите ја поздравија мобилизацијата како „успех“ и рекоа дека се очекува да се сретнат со Лекорни „во наредните денови“ на разговори.
Премиерот нагласи дека барањата искажани од синдикатите и демонстрантите се „во срцето“ на тековните консултации.
Акцијата на 18 септември следува по мобилизацијата „Блокирај сè“ од минатата недела, на која учествуваа речиси 197.000 луѓе на национално ниво.
- Контроверзниот национален буџет
Франција се соочува со зголемени политички тензии откако на 8 септември на Бајру не му беше изгласана доверба во Националното собрание.
Тој во јули го претстави буџетскиот план за 2026 година, со цел да заштедат речиси 44 милијарди евра за намалување на јавниот долг, кој достигна 113 % од БДП на земјата.
Францускиот претседател Емануел Макрон го назначи министерот за вооружени сили Себастијен Лекорни за нов премиер, задолжувајќи го да започне консултации со политичките партии пред формирањето на новата влада.
Франција има еден од најголемите буџетски дефицити во ЕУ – 5,8 % од БДП.
Минатогодишниот неуспех да се постигне договор за буџетот за 2025 година доведе до пад на Владата на Мишел Барние во декември откако левичарските и крајно десничарските партии се обединија зад предлогот за недоверба.