Ekipa
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
КАРАЧИ (АА) - Уште два турски авиона кои превезуваат шатори, оброци, лекови и други средства за помош за настраданите од поплавите во Пакистан слетаа денес во Карачи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот генерален конзул во Карачи, Џемал Сагну, за АА изјави дека уште два авиона се очекува да пристигнат на аеродромот „Мохамад Али Џина“ во Карачи подоцна во текот на вечерта.
Досега вкупно седум авиони со хуманитарна помош слетаа во Карачи во последните три дена, се вели во соопштението на пакистанската Армија.
Турската агенција за помош при катастрофи треба да основа шаторско село во подрачјето на Бадин во јужната област Синд за 400 погодени семејства, со кујнски и хигиенски комплети и други објекти.
Турската Црвена полумесечина веќе е на терен во југозападен Белуџистан, една од најтешко погодените области, обезбедувајќи чиста вода и храна за илјадници луѓе погодени од поплавите.
Најразорните монсунски дождови во поновата историја на Пакистан, во комбинација со поплави, ги разориија планинските падини, ги откорнаа темелите на зградите и поплавија над 70 области, претворајќи ги во реки.
Речиси 1.200 луѓе ги загубија животите, додека повеќе од еден милион куќи се уништени или оштетени од средината на јуни, според Националната управа за управување со катастрофи на Пакистан.
Постојаните дождови и поплави, исто така, уништија голем дел од инфраструктурата и земјоделските површини во земјата, вклучително и стотици патишта и мостови, а угинаа речиси милион животни.
Според Метеоролошкиот оддел на Пакистан, јужноазиската земја која е меѓу првите 10 земји во светот ранливи на климатските промени, се соочи со над 200 отсто поголеми количини дожд оваа година од просечните монсунски дождови.