İlayda Çakırtekin
10 Ноември 2025•Ажурирај: 14 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Археолози од Универзитетскиот музеј во Берген открија ловиште старо 1.500 години, користено за лов на ирваси на платото Аурландсфјелет во Норвешка, пренесе денес норвешката национална телевизија НРК, јавува Анадолу.
Ловиштето, лоцирано на надморска височина од 1.400 метри, вклучува стотици дрвени столбови – остатоци од голема ловна структура што долги векови била заробена под мразот.
Најдобро сочуваниот дел од локалитетот се две огради од дрвени колци, кои, според истражувачите, служеле за насочување на ирвасите кон ограден простор изграден од масивни дрвени столбови, каде што животните биле ловени.
Истражувачите сметаат дека ова откритие ќе понуди нови сознанија за начинот на живот и лов на луѓето во 6 век од нашата ера.
„Нема ништо слично на ова. Никогаш досега не сме пронашле вакво нешто. Степенот на зачуваност е неверојатен“, изјави археологот Леиф Инге Аствејт од Универзитетот во Берген.
Во околината се пронајдени и други добро сочувани предмети – изработени дрвени алатки и рогови од диви ирваси, кои би можеле да откријат повеќе за начинот на лов.
Иако нивната точна функција сè уште не е позната, научниците претпоставуваат дека се користеле како дел од техниките на лов.
„Ова откритие отвора сосема нови толкувања и разбирања за тоа како овие системи на лов функционирале во практика. Тоа исто така нуди увид во поширокото социјално значење на ловот на ирваси во раното железно време“, додаде Аствејт.
Според археолозите, објектот останал совршено зачуван благодарение на студениот период кој го задржал под мраз повеќе од 1.500 години. Но, со затоплувањето на климата и топењето на глечерите, овој древен локалитет сега излегува на површина.
Научниците предупредуваат дека, иако овие откритија се возбудливи, тие воедно претставуваат знак за сериозни климатски промени.
„Возбудливо е да се следат новите археолошки откритија што се појавуваат – особено оние поврзани со патувањата и ловот. Но, тоа истовремено е потсетник дека губиме голем број ледени полиња и глечери“, изјави истражувачката на глечери Лис Мари Андреасен за НРК.