Atila Altuntaş
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
СТОКХОЛМ (АА) - Владата на Норвешка одобри азил за четворица офицери и едно воено аташе осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, која во јули минатата година во Турција изведе неуспешен обид за воен удар, јавува Anadolu Agency (AA).
Норвешката државна телевизија НРК објави дека Канцеларијата за миграции на Норвешка ги одобрила барањата за азил поднесени од страна на четворица турски офицери ангажирани во базите на НАТО и едно воено аташе.
И адвокатот на споменатите лица, Кјел М. Бригфелд, соопшти дека нивните барања за азил се прифатени и дека им се издадени дозволи за престој и работа во Норвешка.
Станува збор за група која се сомничи за врски со терористичката организација ФЕТО, а барања за азил во Норвешка предале по неуспешниот јулски обид за државен удар во Турција.
Терористичката организација ФЕТО во 70-тите години од минатиот век започна со инфилтрирање на свои поданици во безбедносните институции на Турција, за до 80-тите години значително да ги зајакне своите паралелни пирамиди во овие институции и, на крај, на 15. јули минатата година да изведе неуспешен обид за воен удар со цел за рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
По обидот за пуч, надлежните турски институции започнаа опсежна истрага против сите терористички структури, чии членови поради нивно гонење од страна на турските органи на прогонот бегаат и бараат засолниште во други земји, најчесто во Европа.