Berk Kutay Gökmen
28 Април 2026•Ажурирај: 28 Април 2026
Стотици вработени во Гугл побараа од извршниот директор Сундар Пичаи да не дозволи алатките за вештачка интелигенција на компанијата да бидат користени од страна на Пентагон за доверливи работи, јавува Анадолу.
Во отворено писмо, вработените кои работат на проекти за вештачка интелигенција изразија загриженост поради тековните преговори на компанијата со американското Министерство за одбрана, тврдејќи дека оваа технологија не е соодветна за „доверливи работни задачи“.
„Сметаме дека нашата близина до оваа технологија создава одговорност да ги истакнеме и спречиме нејзините неетички и најопасни употреби“, се вели во писмото.
„Затоа, бараме од Вас да одбиете нашите системи за вештачка интелигенција да бидат достапни за доверливи работи“.
„Сакаме да видиме дека вештачката интелигенција му користи на човештвото“, порачаа тие, „а не да биде користена на нехуман или исклучително штетен начин“.
Како луѓе кои работат во областа на вештачката интелигенција, знаеме дека овие системи „прават грешки“, се наведува во писмото.
Во писмото како примери за тоа како вештачката интелигенција може да биде злоупотребена се цитирани смртоносното автономно оружје и масовниот надзор.
Лошата одлука во оваа фаза би можела сериозно да им наштети на репутацијата на Гугл, на бизнисот и на глобалниот углед, се предупредува во текстот.
Гугл е во преговори со Министерството за одбрана за потенцијално користење на вештачката интелигенција на оваа компанија за доверлива работа, се вели во извештајот на „Информејшн“.
Претходно годинава, „ОпенАИ“ постигна договор со Пентагон кој вклучуваше согласност технологијата да не се користи за домашен надзор од големи размери или за контрола на автономно оружје.