Ömer Koparan,Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
13 Јуни 2019•Ажурирај: 15 Јуни 2019
ИДЛИБ
Режимот на Башар ал Асад продолжува со интензивните гранатирања од копно и воздух врз цивилните населби во зоната за деескалација во Идлиб, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од синоќа продолжуваат интензивните напади од копно и воздух од режимот на Асад врз градовите Хан Шејхун, Кефренбил, појасот Теменија и селата Термела, Маратинуман, Абидин и Суфухен.
Додека траат копнените и воздушните напади, не се знае точната бројка на загинати и ранети.
Мухамед Рашид, портпаролот на војската на Насир, која е дел од Слободната сириска армија, за АА изјави дека не е воспоставен прекин на огнот меѓу вооружената опозиција и силите на режимот на Асад.
Рашид изјави „На социјалната мрежа е објавена вест за прекин на огнот, што е невистина. Не е обезбеден каков било прекин на огнот меѓу режимот на Асад и вооружената опозиција. Режиот и неговите поддржувачи во последните три дена убија повеќе од 30 цивили, меѓу кои има и деца.“
Рашит истакна дека лажните вести за воспоставениот прекин на огнот се пласираат намерно во периодите кога вооружената опозиција напредува наспроти силите на режимот, и додаде „Овој вид лажни вести се пропагираат со цел режимот да добие во време. Целта на овие вести е да се спроведе проверка на авионите на режимот на Асад и испраќање на дополнителни единици.“
Новинската агенција „Ројтерс“ (Reuters), врз основа на податоците од страна на руските медиуми објави вест во која се вели „Со посредство на Турција и Русија воспоставен е прекин на огнот во Идлиб.“
- Состојбата во зоната за деескалација во Идлиб
Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, областа Идлиб, која е сместена во северозападниот дел на земјата, важи за тврдина на опозицијата. Во моментов, популацијата на Идлиб, поради внатрешните миграции изнесува околу 4 милиони. Идлиб, кој од март 2015 година е под контрола на опозицијата, сега се наоѓа на врвот од листата на цели на силите од режимот.
На 4 и 5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран на Самитот во Астана се договорија Идлиб и неговата околина да ги прогласат за зона за деескалација на судирите. Поради честото прекршување на примирјето од страна на силите на режимот, Турција и Русија постигнаа дополнителен договор на состанокот одржан на 17 септември 2018 година во Сочи, но силите на режимот, и покрај сето тоа, продолжија со прекршувањето на примирјето.
За време на 12. средба меѓу Турција, Русија и Иран, која се одржа на 25 и 26 април годинава во Нурсултан (поранешна Астана), главниот град на Казахстан, дојде до интензивирање на нападите во зоната.
Според информациите од Цивилната заштита, од 25 април досега, во нападите извршени од страна на силите на режимот и странските терористички групи поддржани од Иран и Русија, загинаа најмалку 231 цивил, од кои 59 деца, а повеќе од 659 се ранети.
Режимот на Асад и неговите поддржувачи, од потпишувањето на Договорот за примирје во Идлиб на 17 септември 2018 година, прекршувајќи го примирјето, спроведоа напади кои примораа повеќе од 553.000 цивили да ги напуштат своите домови.
Режимот на Асад, благодарение на поддршката добиена од терористичките групи поддржани од Иран и руското воздухопловство, на 25 април започна широкоопсежни напади врз зоната за деескалација на судирите во Идлиб, при што е освоена територија од околу 100 километри квадратни. Вооружената опозиција повремено спроведува операции врз споменатата територија, со цел да ја врати територијата од рацете на режимот.