Mohammed Karabagak,Levent Tok
07 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Режимот на Башар ал Асад тврди дека Израел извршил напад на седиштето на режимот во областа Хама, каде што е познато дека се наоѓа објект за производство на хемиско оружје, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалната новинска агенција на режимот, САНА, соопшти дека воените авиони на Израел во 02.42 часот од воздушниот простор на Либан извршиле напад врз седиштето на режимот, кое се наоѓа во областа Масајаф во Хама.
Според САНА, во нападот загинале двајца војници на режимот, а предизвикана е материјална штета на зградата на седиштето.
Израел сѐ уште не даде изјава за инцидентот.
Местото Масајаф е познато како локација каде што се наоѓа еден од објектите на режимот за производство на хемиско оружје.
Меѓународната независна истражна комисија на Обединетите нации за Сирија потврди дека Асадовиот режим го користел гасот сарин во масакрот со хемиско оружје извршен на 4 април во Хан Шејхун, и истакна дека режимот извршил воено злосторство.
Организацијата за забрана на хемиското оружје (OPCW) во извештајот објавен на почетокот од минатиот месец соопшти дека работат на тоа да се потврди дека се уништени и последните два објекта на режимот за производство на хемиско оружје.