Tuğrul Çam
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
КОКС БАЗАР (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, кој со сопругата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, Емине Ердоган, и со турска делегација го посети кампот Кутупалонг во Бангладеш, во кој се сместени араканските муслимани, изјави дека дошле за да им пружат поддршка на тие луѓе, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сакавме да покажеме дека сме заедно со овие луѓе, тука. Тоа ќе го продолжиме на еден континуиран начин со Меѓународната организација за миграции. Освен тоа, им праќаме порака на нашите пријатели во Бангладеш заедно да им помогнеме на овие луѓе“, изјави Чавушоглу.
Тој нагласи дека на целиот свет ќе им ја покажат ситуацијата во тоа подрачје.
„Не е доволно само да се покаже. Нашите напори траат. Сакаме резултати од напорите кои нашиот претседател ги вложува уште од почетокот. Во Астана ќе одржиме состанок со лидерите од исламскиот свет. Сакаме да пронајдеме трајно решение за араканското прашање, така што организираме проширен состанок во Њујорк“, изјави Чавушоглу.
Тој додаде дека се во контакт и со мјанмарските власти.
„Претседателот Ердоган разговараше со Су Чи (министерката за надворешни работи на Мјанмар). Рековме дека е потребно нападите на араканските муслимани да престанат. Ни кажаа дека прават сѐ што е во нивна моќ. Но игнорираат одредени фотографии и видео снимки кои ги гледаме. Потребно е заеднички да се пронајде решение за овој проблем“, смета Чавушоглу.
Сопругата на турскиот претседател, Емине Ердоган, разговараше со бегалците за последните случувања.
„Невозможно е човек да остане рамнодушен. Господ нека им е на помош. Се надевам дека целиот свет ќе се позанимава со ова прашање, ќе го сфати сериозно, било од аспект на помош или политички аспект“, изјави Ердоган.
Таа смета дека ова е прашање кое треба да се реши.
„Секој од нас има деца. Не можеме да ги игнорираме затоа што не станува збор за нашите деца. Сите имаме одговорност. Затоа сме тука. Дојдовме да му порачаме на светот. Дојдовме да помогнеме. Ве молам, секој да направи сѐ што може“, апелираше Емине Ердоган.
Таа додаде дека турскиот претседател ова прашање ќе го изнесе и во ОН.
По посетата на кампот, првата дама на Турција и нејзината делегација разговараа и со претставниците на кампот.