Ömer Faruk Yıldız
28 Април 2021•Ажурирај: 28 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Најмалку 10 војници од Армијата на Мјанмар загинаа во судирите меѓу антипучистичка вооружена етничка група и Армијата во мјанмарската држава Чин на границата со Бангладеш, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Еден од челниците на организацијата „Одбранбените трупи на Чинленд“, што е формирана за да ги одбрани демонстрантите од мјанмарската Војска по воениот удар изведен на 1 февруари, зборуваше за весникот „Иравади“ („The Irrawaddy“) за вчерашните судири во градот Миндат.
Тој соопшти дека синоќа убиле најмалку 10 војници во нападот врз армискиот конвој во планинските области на градот.
Информирајќи дека Армијата започнала напади утрово, челникот истакна: „Возвратија со минофрлачи и рачни ракетни фрлачи. Бевме интензивно бомбардирани.“
Челникот на „Одбранбените трупи на Чинленд“ не даде информации за жртвите од нивна страна по судирите.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Од почетокот на протестите организирани против пучот досега, во вооружената интервенција на безбедносните сили врз демонстрантите, животот го загубија 755 лица.
Додека во земјата се одржуваат демонстрации коишто започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред воениот суд.