Zehra Ulucak
07 Јануари 2020•Ажурирај: 08 Јануари 2020
АНКАРА
Повеќе од 60.000 луѓе се пријавени како исчезнати во Мексико од 2006 година досега, кога државата започна борба против трговијата со дрога и криминалните организации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според „Вашингтон пост“ (The Washingtоn Post), наспроти претходните проценки, официјалните лица на Мексико соопштија дека над 60.000 лица исчезнале во спиралата на насилство предизвикана од војната која државата ја започна против трговијата со дрога и криминалните организации во 2006 година.
Претседателката на Националната комисија за пребарување на исчезнатите лица во земјава, Карла Квинтана, во изјавата за медиумите рече дека во Мексико се исчезнати 61.637 лица.
Квинтана истакна дека повеќе од 5.000 лица се исчезнати само во 2019 година, а од 2006 година до денес во земјата се идентификувани 3.663 тајни гробишта.
Повеќе од 97 проценти од стотиците исчезнати случаи се евидентирани од 2006 година, кога тогашниот претседател Фелипе Калдерон објави војна против трговијата со дрога.
Според „Би-би-си“ (BBC), 53 проценти од исчезнатите се на возраст меѓу 15 и 35 години, а 74 проценти се мажи.
Во Мексико минатата година се убиени над 31.000 луѓе.
Повеќето убиства и исчезнувања во земјата се поврзани со наркокартели и групи на организиран криминал. Но, исто така се смета дека и безбедносните сили се одговорни за загубите и загинатите.
Според информациите на мексиканските медиуми, засновани на извештаи на невладини организации, од 2006 година исчезнале околу 40.000 луѓе.
- Повеќе од 300.000 жртви
Во земјата во 2006 година, тогашниот претседател Фелипе Калдерон започна агресивна борба против картелите, а неговиот наследник Енрике Пена Нието ја продолжи. Се забележува дека досега во таа борба загинаа повеќе од 300.000 лица.
Иако не е наведено дали жртвите се резултат на судирите меѓу картелите или картелите и безбедносните сили, се знае дека повеќето од жртвите се поврзани со насилствата извршени од страна на картелите.
Мексиканските медиуми, врз основа на извештаите на невладините организации наведуваат дека во бранот на насилство, за кој се тврди дека и безбедносните сили ги прекршиле човековите права, повеќе од 340.000 луѓе се раселени, а речиси 40.000 лица се исчезнати.