Mahmut Geldi
07 Октомври 2020•Ажурирај: 08 Октомври 2020
БЕЈРУТ (АА) – Во Либан, напорите за формирање влада што беа неуспешни минатиот месец, ќе започнат повторно на 15 октомври, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение од Претседателството се наведува дека претседателот Мишел Авн ќе одржи консултации в четврток, на 15 октомври, за да го утврди името кое ќе биде назначено за составување на новата Влада.
Исто така, во соопштението се наведува дека разговорите за воспоставување на новата Влада ќе се одржат во претседателската палата „Баабда“ во главниот град Бејрут, и дека разговорите ќе се одржат со лидерите на политичките партии и независните пратеници во Парламентот.
Владата на Хасан Дијаб, која беше формирана во Либан на 21 јануари со поддршка на Хезболах и неговите политички сојузници, мораше да поднесе оставка на 10 август, поради реакциите во јавноста по експлозијата во пристаништето Бејрут.
По експлозијата, францускиот претседател Емануел Макрон, кој сакаше да ја искористи моменталната состојба во Либан, иницираше формирање влада што ќе ги спроведува реформите во земјата и меѓународна конференција во Париз за поддршка на Либан.
Мустафа Едиб, кој беше назначен за формирање на Владата, на 26 септември го врати мандатот со образложение дека повеќе не постои договорот за формирање влада.