Recep Şakar
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
МЕЛБУРН (АА) - Во куќа во австралискиот град Перт се пронајдени мртви мајка, нејзините три деца и нивната баба, јавува Anadolu Agency (AA).
Полицијата на Западна Австралија информираше дека во предградието Бедфорд во австралискиот град Перт, во куќа се пронајдени мртви близначки стари 2 години, нивната 3,5-годишна сестра, нивната 47-годишна мајка и 74-годишната баба.
Полицијата потврди дека жртвите се убиени, информирајќи дека пред суд е изведено 24-годишно момче, за кое постои сомневање дека е извршител на ова грозоморно убиство. Полицијата не го објави идентитетот на осомничениот.
По настанот, осомничениот сам ѝ се предал на полицијата, давајќи изјава. Полицијата не даде подетални информации околу поврзаноста или роднинската врска на осомничениот со жртвите.
Според локалните медиуми, осомничениот живеел во истата куќа со жртвите.
Заменик-шефот на полицијата на Западна Австралија, Пол Стил Пол, изјави дека во тек е испитувањето на осомничениот. Стил не даде детали околу начинот на кој се убиени жртвите. „Ова не е трагедија само за роднините и пријателите на жртвите, во исто време тоа е трагедија и за членовите на екипите за прва помош кои први интервенирале“, изјави Стил.
- Трет случај од месец мај наваму -
Во населбата Осмингтон во градот Маргарет Ривер, во Западна Австралија, во куќа беа пронајдени телата на 7 лица, од кои 4 деца. Во трагичниот случај што се случи во мај годинава, убиени беа дедо, баба, нивната ќерка и 4 внучиња.
Во јули, во една куќа во Еленбрук, северно од Перт, беа пронајдени мртви мајка со нејзините две деца, а како сторител на делото беше обвинет синот кој беше приведен.