Ekip
28 Август 2022•Ажурирај: 29 Август 2022
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Во близина на Делхи во Индија извршена е контролирана експлозија, при што се урнати два облакодери со висина од 103 метри, што преставуваа највисоки градби што некогаш се урнати во таа азиска земја, известува Агенција Анадолија (АА).
Двата облакодери од по 30 ката се урнати по налог на Врховниот суд бидејќи се прекршени правилата за изградба на кули.
Индиските власти во саботата евакуираа илјадници луѓе од зградите познати како Апекс и Чејен, што се наоѓаат во густо населениот кварт во градот Ноида.
Официјалните лица кажаа дека при уривањето на облакодерите користени се 3.700 килограми експлозив, а на луѓето кои живеат во близината им е кажано да ги напуштат домовите и да се вратат откако рушењето ќе биде извршено.
Алок Синг, висок полициски службеник во Ноида, за новинарите изјави дека уривањето е спроведено според планот.
Мајур Мехта, висок претставник на „Edifice Engineering“, агенција што била вклучена во уривањето, за Агенција Анадолија рече дека преку 3.700 килограми експлозив се користени при уривањето на кулите близначки.
Тој истакна дека ова претставува уривање на највисоките градби што некогаш се срушени во Индија.
Нелегалната градба на згради во Индија е широко распространета појава, но уривањето на објектите ретко се случува во земјата.