Serdar Dincel
13 Јуни 2025•Ажурирај: 13 Јуни 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Во раните утрински часови денес Израел изврши низа воздушни напади врз Иран, погодувајќи стратегиски и воени цели, како и станбени објекти.
Според иранските медиуми, во нападите се убиени високи воени команданти и водечки нуклеарни научници на земјата.
Меѓу целите беа и резиденциите на некои од највисоките команданти на иранската армија и Исламската револуционерна гарда, како и објектот за збогатување ураниум во Натанз – клучен центар на иранската нуклеарна програма.
Нападите беа насочени и кон живеалиштата на некои високо рангирани научници вклучени во нуклеарната програма на Иран.
- Нападнати радарски и одбранбени системи
Израелските сили го гаѓале и радарскиот центар Субаши во провинцијата Хамадан, еден од најважните радарски објекти во Иран. Напади биле извршени и врз воени и радарски бази во провинциите Керманшах и Лорестан.
Во градот Тебриз цел биле воените бараки Сејдава, околните радарски системи и други стратегиски точки.
Во југозападната провинција Хузестан, богата со нафта, биле нападнати важни објекти, вклучително и граничната порта кон Ирак.
Според локалните извештаи, нападите започнале околу 3 часот наутро по локално време (2330 GMT), а цел биле воени и нуклеарни објекти, но и станбени области.
Началникот на Генералштабот, Мохамед Бакери, командантот на Иранската револуционерна гарда, Хусеин Селами и Голам Али Рашид, висок командант во гардата, се меѓу убиените во овие напади.
Во нападите, исто така, се убиени и нуклеарни научници, меѓу кои Феридун Абаси, Мохамед Мехди Техранчи и Абдулхамид Менушер.
Абаси, поранешен пратеник, претходно преживеа обид за атентат во 2010 година.