Ahmed Asmar
06 Јуни 2024•Ажурирај: 07 Јуни 2024
ГАЗА (АА) - Најмалку 39 Палестинци загинаа денес во напад на израелски авиони врз училиште во кое илјадници раселени лица најдоа привремено засолниште во централниот дел на Појасот Газа, потврдија локалните власти, јавува Анадолу.
Владата во Газа објави дека во напад на израелски авиони врз училиште под управа на Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци во бегалскиот камп Нусејрат повредени се повеќе десетици Палестинци.
Се додава дека израелските масакри во Газа се доказ за продолжување на геноцидот врз раселените Палестинци.
Официјални претставници од болницата Ал-Акса соопштија дека најмалку 39 лица загинале, а десетици се повредени. Бројот на жртви може да се зголеми бидејќи жртвите сѐ уште пристигнуваат во болницата.
Израелската војска го потврди нападот врз училиштето, тврдејќи дека таму се криеле борците на Хамас.
Израел ја продолжува својата брутална офанзива против Појасот Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која се бара итен прекин на огнот.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, каде што засолниште од војната побараа повеќе од еден милион Палестинци.