Ikrame Imane Kouachi
01 Март 2024•Ажурирај: 02 Март 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку 193 Палестинци загинаа, а 920 се повредени во израелските напади во енклавата во последните 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Израелската окупација изврши 13 масакри врз семејствата во Појасот Газа, оставајќи 193 загинати и 920 повредени во текот на изминатите 24 часа“, истакна Министерството.
„Многу луѓе сѐ уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава од Министерството.
Израел започна смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив вели дека се убиени речиси 1.200 Израелци, но според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ), со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.
Најмалку 30.228 Палестинци оттогаш се убиени, а 71.377 други се повредени во услови на масовно уништување и недостаток на неопходни работи.
Израел, исто така, воведе осакатувачка блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на северна Газа, на работ на гладување.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се расели, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По тужбата за геноцид што ја поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.