Ikrame Imane Kouachi
26 Мај 2024•Ажурирај: 27 Мај 2024
АНКАРА (АА) – Во израелските напади врз Појасот Газа во изминатите 24 часа загинаа 81 Палестинец, со што вкупниот број на загинати досега се доближи до 36.000, јавува Анадолу.
Најмалку 35.984 Палестинци се убиени во тековната офанзива на Израел врз Газа која започна минатиот октомври, соопшти денес Министерството за здравство во опколената енклава.
Министерството наведе дека во нападите досега повредени се 80.643 Палестинци.
„Во израелските напади во изминатите 24 часа загинати се 81 лице, а повредени се 223“, објави Министерството, и додаде дека: „Многу тела сè уште се наоѓаат под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив.“
Израел започна немилосрдна офанзива на Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас минатиот 7 октомври, во кој загинаа околу 1.200 луѓе.
Повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, каде е наметната и целосна блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата последна одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Газа каде што засолниште најдоа над милион раселени Палестинци.