Sinan Doğan
18 Август 2021•Ажурирај: 19 Август 2021
БОГОТА
Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала, што во саботата беше почувствуван на брегот на Хаити, се искачи на 1.941, додека бројката на повредени надмина 9.900 лица, известува Агенција Анадолија (АА).
Официјални лица изјавија дека досега се уништени повеќе од 60.000 куќи, а 76.000 куќи и голем број јавни објекти се оштетени од силниот земјотрес, додавајќи дека продолжуваат напорите за пронаоѓање и спасување на лицата што се заробени под урнатините.
Агенцијата за цивилна одбрана на Хаити соопшти дека бројот на луѓе што го загубиле животот во земјотресот се зголемил на 1.941, а бројот на повредените надминал 9.900.
Во соопштението се наведува дека во рамките на меѓународната помош, во земјата пристигнал експертски тим за пребарување и спасување од САД, а од Мексико пристигнала помош, во која се вклучени 15,4 тони храна, лекови и вода.
Владата на Хаити по катастрофалниот земјотрес, кој предизвика големо уништување и шок кај населението, упати повик за меѓународна помош.
Американскиот геолошки завод објави дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 7,2 степени бил на 12 километри североисточно од Сен-Жан ди Сид.
Земјотресот што бил почувствуван во Порт о Пренс, главниот град на Хаити, ги принуди луѓето во паника да излезат на улица.
По извесен период било отстрането предупредувањето за можно цунами од земјотресот што бил на длабочина од 10 километри.
Премиерот на Хаити, Ариел Хенри, изјавувајќи дека земјотресот предизвикал голема материјална штета, додаде дека е воведена едномесечна вонредна состојба во земјата.
- Земјотресот на Хаити во 2010 година
Еден од земјотресите што во последното столетие предизвикаа најголем број смртни случаи во светот се случи на 12 јануари 2010 година на Хаити.
Според официјалните податоци, во земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала, што го потресе јужниот дел на земјата, животот го загубија 316.000 луѓе, а 300.000 беа повредени.
Овој земјотрес со голема разорна моќ, без покрив над главата остави 1,3 милиони луѓе.