Sayed Khodaberdi Sadat
03 Септември 2019•Ажурирај: 04 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Најмалку 16 лица загинаа, а 119 се ранети во самоубиствен бомбашки напад кој синоќа се случи во главниот авганистански град Кабул, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на авганистанското Министерство за внатрешни работи, Насрат Рахими, соопшти дека автомобилот бомба експлодирал во источниот дел на Кабул во близина на Зелено Село во кое се сместени голем број странски воени и хуманитарни мисии, неколку канцеларии на ОН и низ кој поминува автопатот кон Џалалабад.
Тој изјави дека според првичните информации, во нападот загинале 16, а ранети 119 лица.
Исто така изјави дека авганистанските сили убиле петмина напаѓачи, а дека од тој кварт се евакуирани најмалку 400 странски државјани.
Талибанците презедоа одговорност за нападот и нивниот портпарол Забихула Муџахид изјави дека милитантите упаднале во Зелено Село и дека продолжува нивниот судир со авганистанските и странските сили.
Локалните медиуми јавуваат дека од јачината на експлозијата биле уништени голем број објекти и бензинска пумпа.
Американскиот претставник во Авганистан, Залмај Кализад, денеска соопшти дека е постигнат принципиелен мировен договор со талибанците. Договорот предвидува повлекување на 5.000 американски војници од Авганистан во рок од четири и пол месеци.