Ömer Koparan,Ethem Emre Özcan
06 Октомври 2020•Ажурирај: 07 Октомври 2020
БАБ
Најмалку седум цивили загинаа, а 20 се ранети во бомбашки напад во сирискиот град Ал Баб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Нападот во северниот дел на Сирија е извршен со помош на камион на кој претходно е монтирана бомба.
Бомбата е активирана во центарот на Ал Баб, кој е ослободен од терористите во операцијата „Штитот на Еуфрат“, а во кој има голема фреквентност на луѓето.
Според прелиминарните податоци, загинаа седум цивили, меѓу кои има жени и деца.
Екипите на Цивилната заштита (Бели шлемови) се на терен и се обидуваат да дојдат до луѓето што останаа заробени под урнатините. Постои загриженост дека бројот на мртвите би можел да расте.
На тоа подрачје е направена голема материјална штета.
Во експлозијата што вчера се случи на контролниот пункт на локалните безбедносни сили загинаа две лица, а седум се ранети.
Локалните безбедносни сили, кои ја вршеа истрагата на местото на настанот, ја истакнуваат можноста дека нападот го извршила терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Терористичката организација ЈПГ/ПКК, која го зазеде Тел Рифат во југоисточниот дел на Африн, често извршува напади на регионите Африн, Азаз, Ал Баб и Џарабулус.
Ал Баб е град кој се наоѓа североисточно од Алепо и е под контрола на сириската опозиција.
Станува збор за град што терористите на ДЕАШ го држеа под окупација речиси три години, а ослободен е во февруари 2017 година со антитерористичката операција „Штитот на Еуфрат“ која ја извршија Турските вооружени сили и опозициските сили собрани во Сириската национална војска.