Bayram Altuğ
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Во новиот извештај на Фондот на Обединетите нации за помош на децата (УНИЦЕФ) уште еднаш се истакнува насилството што го врши мјанмарската војска и будистичките националисти над муслиманите во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот се наведува дека секојдневно, меѓу 1.200 и 1.800 аракански деца се принудени да ја преминуваат границата и да се засолнат во соседен Бангладеш, и се додава оти во последните неколку дена, во Бангладеш пристигнале околу 10.000 аракански деца.
- „Децата се сведоци на насилства што никако не требаше да ги видат“
Пред извесно време во Бангладеш, генералниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк, ги посети камповите во Кокс Базар, а во извештајот е објавена неговата изјава, во којашто вели: „Во Бангладеш се засолнети голем број аракански деца, кои беа сведоци на насилства што никако не требаше да ги видат и сите овие деца страдаат поради големите загуби што ги доживеаја“.
Лејк истакна дека на децата итно треба да им се испорача храна, чиста вода и медицински средства.
Тој додаде дека децата имаат потреба и од психолошка грижа. „Тие исто така имаат потреба од помош, инструкции, психолошка поддршка за да ги надминат сите страдања што ги претрпеле. Доколку сите овие нешта сега не ги обезбедиме, тогаш како тие ќе пораснат во продуктивни граѓани на општеството? Оваа криза им го краде нивното детство. Во исто време, не смееме да дозволиме да биде украдена и нивната иднина“, рече Лејк.
- „Во камповите има 320.000 деца-бегалци“
Според извештајот на УНИЦЕФ, Во Бангладеш се засолнати 582 илјади аракански муслимани, од кои 320.000 се деца. Во извештајот се истакнува фактот дека „ужасните услови за живот во камповите и болестите што се пренесуваат преку водата, недостатокот на храна и колерата претставуваат закана за 320.000 деца“.