Ekip
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЊУЈОРК (AA) - Речиси 28 милиони деца од целиот свет се протерани од своите домови поради судири, се наведува во најновиот извештај на Фондот за деца при Обединетите Нации (УНИЦЕФ) пренесува Anadolu Agency (AA).
Децата сочинуваат третина од светската популација, но и половина од сите бегалци во светот.
„Тие деца кои се во движење, сепак се само деца, и така треба да се третираат. Децата заслужуваат да бидат зашититени, да се школуваат“, смета Тед Чаибан, директор на УНИЦЕФ во Женева.
Според извештајот, во светот има 10 милиони деца бегалци и еден милион деца азиланти чиј статус сѐ уште не е утврден. Преостанатите 17 милиони деца се раселени во рамките на своите земји што се уништени од војна.
Околу 45 проценти од децата бегалци доаѓаат од Сирија и од Авганистан. Децата сѐ повеќе патуваат сами. Од нив, 100.000 без придружба во 78 земји од светот побараа азил минатата година.
Освен ризичното патување без родители и придружба, децата во миграциите се соочуваат со опасно преминување на море, неухранетост, дехидрација, киднапирање, силување и убивање.
По доаѓањето во земјата што не е нивна, децата често се соочени со дискриминација и ксенофобија.
„Кога светот ја слуша приказната на детето бегалец, подготвен е да даде поддршка, но кога зборуваме за милиони такви деца, тоа предизвикува неверојатен бес и го нагласува тој растечки проблем“, наведува Емили Гарин, автор на извештајот.
Извештајот ја повикува меѓународната заедница да обезбеди заштита, образование и здравствени услуги за децата бегалци.
Од владите на сите земји се бара решавање на причините и прашањата што придонесуваат за миграциските бранови.