Sayed Khodaberdi Sadat
29 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
КАБУЛ (АА) – Во главниот град на Авганистан, Кабул, започна Консултативниот состанок за мир, кој ќе трае 3 дена и каде што ќе се разговара за решенијата кои водат до мир во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Говорејќи на отворањето на состанокот на кој присуствуваат 3.000 луѓе од целата земја, претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, истакна дека состанокот го организирале со цел да добијат мислење од јавноста во однос на мирот со Талибанците.
Тој, истакнувајќи дека тековната војна во земјата нема легитимитет, рече: „Ние сме подготвени да им помогнеме на Талибанците за да се ослободат од ропството на другите земји“.
Гани, изразувајќи дека сакаат постојан мир, а не привремен, наведе дека на тој начин ќе има инвестиции во земјата и Авганистан ќе се спаси од оваа ситуација.
- Политичките лидери не учествуваат на состанокот -
И покрај тоа што беа поканети, повеќето од политичките лидери во Авганистан не присуствуваат на Консултативниот состанок за мир.
Лидерот на Хазара, Мухамед Мухакик, во изјавата рече дека не учествува затоа што претседателот Гани го претворил состанокот во изборна кампања.
Поранешниот претседател Хамид Карзаи, кој исто така не присуствува на состанокот, истакна дека состанокот не е во интерес на народот и дека сега пред сè се потребни мировни преговори.
Од друга страна, Талибанците преку соопштение упатија повик до народот да не учествува на овој состанок.
- Преземени строги мерки за безбедност -
Состанокот, за кој се преземени строги безбедносни мерки, ќе трае 3 дена.
Сите улици кои водат кон местот на коешто се одвива состанокот во Кабул беа затворени за сообраќај.
Министерството за внатрешни работи на Авганистан објави дека на товарните возила им е забрането да влезат во Кабул сè додека не заврши состанокот.
Од друга страна, во соопштението на Владата на Авганистан се наведува дека за време на состанокот сите институции во главниот град, Кабул, нема да работат.