Faruk Hanedar
15 Февруари 2025•Ажурирај: 16 Февруари 2025
ЕРУСАЛИМ (АА) - Во 6. круг на размената на заробеници меѓу Хамас и Израел, тројца израелски заробеници во Газа им беа предадени на тимовите на Меѓународниот Црвен крст, известува Анадолу.
Во 6. круг од размената, израелските заробеници Александар Саша Труфанов, Сагуи Декел-Чен и Јаир Хорн им беа предадени на тимовите на Црвениот крст во близина на домот на убиениот лидер на Хамас, Јахја Синвар, во Хан Јунис, во Појасот Газа.
Познато е дека Сагуи Декел-Чен, еден од затворениците, има двојно американско-израелско државјанство, а Александар Саша Труфанов е со двојно руско-израелско државјанство.
Со ослободувањето на тројцата израелски затвореници во 6. круг, бројот на израелски затвореници ослободени од Појасот Газа се зголеми на 19.
За возврат на ослободените тројца израелски заробеници, денеска ќе бидат ослободени 369 Палестинци од израелските затвори. Меѓу 369 палестински затвореници, 36 биле осудени на доживотен затвор, а 333 биле притворени во Појасот Газа по 7 октомври 2023 година.
- Порака на Бригадите Касам до американскиот претседател Трамп
Во 6. круг на размената на заробеници, вооруженото крило на Хамас, Бригадите Ал-Касам, до американскиот претседател Доналд Трамп испратија порака во која истакнуваат дека се против планот за присилно раселување на Палестинците од Газа.
На платформата поставена во градот Хан Јунис изложени се фотографии на кои е нагласен „отпорот за ослободување на Палестина“, а има и знамињата на неколку арапски држави.
- Договор меѓу Хамас и Израел за прекин на огнот и размена на заробеници
Договорот за прекин на огнот и размена на заробеници постигнат меѓу Хамас и Израел стапи на сила во недела, 19 јануари, во 10:15 часот по средноевропско време.
Како дел од договорот, на 27 јануари беше отворен Коридорот Нецарим за Палестинците во Појасот Газа да можат да преминат од југот кон северните делови, а израелската армија се повлече од коридорот Нецарим на 9 февруари.
Граничниот премин Рафа меѓу Појасот Газа и Египет беше отворен на 1 февруари за евакуација на болните и ранетите, по осуммесечната окупација од страна на израелската армија.
Во првите 5. круга на размена на затвореници, беа ослободени 766 Палестинци од израелските затвори и 16 израелски и 5 тајландски заробеници од Газа.
Според договорот за прекин на огнот, кој ќе се состои од три фази, се очекува во првата фаза која трае 42 дена да бидат ослободени повеќе од 1.900 палестински затвореници и 33 израелски заробеници.