Mehmet Alaca
14 Октомври 2021•Ажурирај: 15 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Според една нова студија, емисиите на јаглерод, кои некое време имаа надолен тренд на почетокот на пандемијата на Ковид-19, почнаа рапидно да се зголемуваат, особено во 20-те најбогати земји во светот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Би-би-си“ (BBC), базирани на Извештајот за транспарентност на климата, стапката на јаглерод диоксид, која се намали за 6 проценти во 2020 година поради пандемијата, се очекува да се зголеми за 4 проценти во земјите на Г20 оваа година.
Земјите како Кина, Индија и Аргентина ќе го надминат нивото на емисија на штетни гасови од 2019 година. Континуираната употреба на фосилни горива ќе ги поткопа напорите за намалување на емисиите на јаглерод.
На Конференцијата за климата КОП26 што ќе се одржи во Глазгов, Велика Британија, две недели подоцна, едно од клучните прашања се очекува да биде одржувањето на глобалното затоплување под 1,5 степени Целзиусови. Светот во моментов е 1,1 степен потопол отколку што беше пред индустрискиот период.
Во извештајот, во кој се наведува дека земјите од Г20 се одговорни за приближно 75 проценти од емисиите на јаглерод што предизвикуваат глобално затоплување, употребата на јаглен се очекува да се зголеми за 5 проценти оваа година.
Покрај тоа што Кина е одговорна за околу 60 проценти од ова зголемување, се наведува дека има зголемување на употребата на јаглен и во САД и Индија.
Од друга страна, во извештајот се наведува дека има значително зголемување во користењето на сончевата и ветерната енергија во богатите земји. Исто така, се забележува дека обновливите извори на енергија се зголемија од 10 проценти во 2020 година на 12 проценти оваа година.