Büşra Nur Bilgiç
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
КАРАКАС (АА) - Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаза, остро ја осуди одлуката на Соединетите Американски Држави (САД) за предавање на дипломатскиот имот во Вашингтон на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Американската администрација го предаде раководењето со три дипломатски објекти, две згради кои беа во сопственост на Министерството за одбрана на Венецуела и една конзуларна зграда во Њујорк, на претставникот на венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гваидо, Карлос Вечио.
„Дипломатскиот имот на Венецуела во САД може да го корисат само официјални лица кои ја претставуваат Владата на претседателот Николас Мадуро“, се вели во соопштението на министерот Ареаза.
Тој нагласува дека одлуката е во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи, додавајќи дека дури и при прекин на дипломатските односи, Венецуела ги почитува правата на САД врз Амбасадата во Каракас.
Венецуела е зафатена од протести уште од 10 јануари, кога Мадуро положи заклетва за својот втор мандат како претседател, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.
Тензиите се зголемија кога Хуан Гваидо се самопрогласи за вршител на функцијата претседател на 23 јануари, потег поддржан од САД и многу европски и латиноамерикански земји.
Турција, Русија, Кина, Иран, Боливија и Мексико му дадоа поддршка на Николас Мадуро.