свет

Венецуела ја затвори границата со Колумбија

„Поради сериозните и нелегални закани врз независноста и мирот во Венецуела, коишто потекнуваат од страна на Владата на Колумбија, донесена е одлука за привремено затворање на трите гранични премини меѓу овие две земји.“

Hasan Esen  | 23.02.2019 - Обновена : 24.02.2019
Венецуела ја затвори границата со Колумбија

КАРАКАС (АА) - Владата на Венецуела одлучи привремено да ја затвори границата со Колумбија, наведувајќи ги „сериозните и нелегалните закани“ од страна на оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

Делси Родригез, заменик-претседателката на Венецуела, преку својот профил на социјалните мрежи објави дека „Поради сериозните и нелегални закани врз независноста и мирот во Венецуела, коишто потекнуваат од страна на Владата на Колумбија, донесена е одлука за привремено затворање на трите гранични премини меѓу овие две земји.“

Во објавата се вели дека владината одлука за затворање на границата со Колумбија е донесена пред 23 февруари, датум за кој опозицијата објави дека во земјата ќе донесе „хуманитарна помош“.

Венецуела претходно имаше донесено одлука за затворање на границата со Бразил.

- „Хуманитарно шоу“

Дискусиите за „хуманитарната криза и помош" во Венецуела, која ја доживува својата најсериозна политичка и економска криза, ја создаваат една од најзначајните точки на тензии меѓу опозицијата поддржана од САД и легално избраната власт.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, на дискусиите за „помош“ гледа како „дел од стратегијата за окупација од страна на САД“, и за неа вели дека „нема да го дозволи тоа шоу“.

Поради потребата од итна помош за 300.000 лица и под образложение дека 2 милиона лица се соочуваат со здравствен ризик, опозицијата тврди дека е потребно помошта да влезе во земјата.

Додека армијата по наредба на Мадуро ги затвори граничните премини, останува нејасно како опозицијата на 23 февруари ќе ги внесе пакетите со хуманитарна помош, коишто во колумбискиот град Кукута чекаат на границата со Венецуела.

- Криза во Венецуела

Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро ја положи заклетвата за втор мандат, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.

Тензиите дополнително се зголемија откако опозцискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател на државата, што беше поддржано од страна на САД и голем број европски и латиноамерикански држави.

Русија, Кина, Турција, Боливија, Мексико и Иран го поддржуваат Мадуро. Претседателот Мадуро, поради развојот на настаните ги прекина дипломатските и политичките односи со САД, но соопшти дека трговските односи продолжуваат.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, имаше изјавено дека една од опциите е „испраќање воени единици во Венецуела“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.