Lokman İlhan
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
КАРАКАС (АА) - Лидерот на венецуелската опозиција кој се прогласи за привремен шеф на државата, Хуан Гваидо, ги повика поддржувачите во среда и четврток повторно да излезат на улиците и да бараат заминување на избраниот претседател Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
Воедно, лидерот на венецуелскиот Парламент, Гваидо, се обрати на јавноста преку Твитер и порача дека со протестите сака да ги повика Вооружените сили на Венецуела да застанат на страната на народот и да побараат одобрување за влез на хуманитарна помош во таа латиноамериканска земја.
Тој, исто така, порача дека во сабота ќе бидат организирани масовни протести низ земјата со барање за одржување праведни и транспарентни избори.
Гваидо ја повика високата комесарка на ОН за човекови права, Мишел Бачелет да ја посети Венецуела.
Паралелно со тоа, опозициските групи им доделија на војниците нацрт-закони со кои ќе бидат амнестирани за досегашната поддршка на Мадуро, во случај да застанат на страна на опозицијата.
Од друга страна, избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, ги повика Вооружените сили да го сочуваат единството и дисциплината во одбрана на поредокот и суверенитетот на таа земја.
Мадуро ја посети воената команда во Карабобо и во обраќањето на војнците им порача дека е важно да останат приврзани на татковината и Уставот, и покрај обидите да се направи раздор меѓу нив.
„Венецуела се спрема за најголемата воена мобилизација во историјата. Во приправност ќе ги зачуваме сите наши воени ресурси и на никој нема да му дозволиме да го допре нашето небо и тло“, порача Мадуро.
Венецуела е средиште на масовни протести што ги предводи опозицијата, која има мнозинство во Парламентот на таа земја.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја поддржа венецуелската опозиција и нејзиниот лидер, Хуан Гваидо, кој на 23 јануари се прогласи за привремен шеф на државата.
Мадуро возврати со прекинување на сите дипломатски односи со САД, со тоа што им даде на американските дипломати рок од 72 часа да ја напуштат земјата.
Со САД, опозицијата на Венецуела во преземањето на власта ја поддржаа и Израел, Бразил, Аргентина, Канада, Чиле, Колумбија, Костарика, Еквадор, Гватемала, Панама и Парагвај.
Од друга страна, Турција, Иран, Русија, Кина, Боливија, Мексико, Куба и уште некои земји и понатаму го признаваат легитиметот и ја поддржуваат власта на Мадуро.