Ahmet Gürhan Kartal
06 Јуни 2022•Ажурирај: 07 Јуни 2022
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија планира за првпат да ѝ испрати на Украина ракети со долг дострел, изјави денес британскиот секретар за одбрана Бен Валас, јавува Агенција Анадолија (АА).
Валас рече дека Обединетото Кралство ќе преземе водечка улога во снабдувањето на украинската армија со „виталното оружје потребно за одбрана на нивната земја од неиспровоцираната инвазија“, мислејќи на руската војна против Украина.
„Како што се менува тактиката на Русија, така мора да се менува и нашата поддршка за Украина“, додаде Валас.
Тој рече дека високо способни ракетни системи за повеќекратно лансирање ќе им овозможат на „нашите украински пријатели подобро да се заштитат од бруталната употреба на артилерија со долг дострел, која силите на Путин неселективно ја користеа за да ги срамнат градовите со земја.“
Изјавата на Валас доaѓа во период кога рускиот претседател Владимир Путин вети дека Москва ќе гаѓа повеќе цели во Украина доколку Западот испорачува уште оружје.
„Ако сега станува збор за ракети и тие бидат испорачани, ќе извлечеме заклучоци од тоа и ќе го употребиме нашето оружје што го имаме во доволни количини за да ги нападнеме објектите што досега не ги напаѓавме“, рече Путин во интервју за телевизискиот канал „Росија-1”.
Претходно оваа недела, американскиот претседател Џо Бајден најави дополнителна безбедносна помош од 700 милиони долари за Украина.
Ракетниот систем за повеќекратно лансирање М270 од САД може да истрела 12 проектили земја-земја во минута и да погоди цели во радиус од 80 километри.