İnci Gündağ
21 Септември 2016•Ажурирај: 21 Септември 2016
ЛОНДОН (АА) - Oрганизации на граѓанското општество во Британија реагираа против изградбата на ѕид на граничниот премин помеѓу Британија и Франција, во крајбрежниот град Кале. Ѕидот го гради Франција, со намера да ги попречи бегалците да преминат во Британија, јавува Anadolu Agency (AA).
Изградбата на ѕидот започна вчера. Овој ѕид има за цел да ги спречи десетината илјади бегалци што се наоѓаат во кампот во Кале, во обидите да преминат во Британија криејќи се во возилата што поминуваат во доцните ноќни часови.
Критикувајќи го ова, Амнести интернешнал со седиште во Лондон предупреди дека овој чин ќе ги принуди бегалците да најдат алтернативни и поризични патишта. Коментирајќи во врска со случувањата, директорот на Програмата за правата на бегалците и емигрантите, Стив Симондс рече: „Овој ѕид ќе претставува уште поголем ризик. Со цел да поминат во Британија, безнадежните луѓе ќе паднат во рацете на трговците со луѓе. Додека се обидуваат, на овие патишта ќе има и многу жртви. Кратко, ѕидот ќе ги засили трговците со луѓе“.
Во соопштението од организацијата „Хелп рефјуџис“, којашто спроведува хуманитарни активности во кампот во Кале, се истакнува: „Ни се скрши надежта затоа што наместо да им се помогне на незаштитените луѓе што се протерани од својата земја, се трошат финансиски средства за изградба на ѕид што овие луѓе ќе ги остави надвор“.
Во соопштението, пак, на британската премиерка Тереза Меј се вели: „... наместо страв од мигрантите, сакаме да се даде предност на заштитата на децата“.
- Ѕид висок 4 метри, до должина од 1 километар -
Во соопштението на почетокот на овој месец, заменикот-министер за внатрешни работи и одговорен за миграцијата во Британија, Роберт Годвил, истакна дека во рамките на пакетот за безбедност меѓу Франција и Британија, кој чини 17 милиони фунти, за изградбата на ѕидот чија цел е попречување на бегалците, ќе бидат одвоени1,9 милиони фунти.
Ѕидот почна да се гради вчера, и се проценува дека ќе биде завршен пред крајот на оваа година. Се планира тој да биде висок 4 метри и долг еден километар.
Трошоците за ѕидот ќе се надоместуваат од страна на Британија. Со овој ѕид ќе бидат заградени влезот на крајбрежјето на Кале, како и левиот и десниот дел на автопатот. Ѕидот ќе има повеќе гранични премини за автомобили. Тој ќе биде осветлен и сите влезови и излези 24 часа ќе бидат набљудувани со камери.