Fatih Hafız Mehmet
29 Август 2019•Ажурирај: 30 Август 2019
АНКАРА (АА) - Петицијата поставена на официјалната веб-страница на Британскиот парламент против неговото суспендирање собра потписи од nad 1,3 милиони лица, пишува Anadolu Agency (AA).
Кралицата Елизабета II вчера го одобри барањето на Британската влада за суспендирање на Парламентот од 9 септември до 14 октомври.
Петицијата „Не ја прекинувајте работата на Парламентот“, доби 1.318.661 потпис од моментот кога беше поднесена.
„Парламентот не смее да биде пророгиран или распуштен, освен ако и додека периодот за членот 50 не биде продолжен или додека намерата на Велика Британија да се повлече од ЕУ не биде откажана“, се вели во петицијата.
Британскиот парламент ги разгледува сите петиции кои добиваат повеќе од 100.000 потписи за дебата.
Сепак, бидејќи Парламентот ќе биде суспендиран, шансата Парламентот да дискутира за петицијата се чини мала.
Премиерот Борис Џонсон вчера од кралицата побара суспендирање на Парламентот до 14 октомври, неколку дена пред крајниот рок за Брегзит, кој истекува на 31 октомври, со што им се крати времето на пратениците да донесат закон со кој се спречува Брегзит без договор.
Овој потег на Џонсон предизвика остра реакција од британската опозиција.
Лидерот на Лабуристичката партија, Џереми Корбин, го нарече овој потег скандалозен и закана за демократијата.
Корбин додаде дека Лабуристичката партија ќе работи во Парламентот за да ја држи Владата одговорна и да избегне катастрофален Брегзит без договор.
Претседателот на Долниот дом на Парламентот, Џон Беркоу, исто така, го опиша овој потег како уставен скандал.
Опозициските партии продолжуваат со преговорите за усвојување закон во Парламентот за спречување на Брегзит без договор.
Џонсон нагласи дека до 31 октомври ќе ја извади Велика Британија од ЕУ и дека иако е уверен во преговорите за постигнување договор со Брисел, тој исто така прави подготовки за Брегзит без договор.
Британскиот парламент постојано го отфрлаше договорот за Брегзит постигнат од претходната премиерка, Тереза Меј.