Ekipa
19 Февруари 2022•Ажурирај: 20 Февруари 2022
ЛОНДОН (АА) - Четири лица загинаа вчера во Велика Британија и Ирска, во рекордно брзите ветрови и дождот кој ги предизвика бурата Јунис што ги зафати Британските Острови и делови од Западна Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Една жена загина во Лондон откако дрво падна врз нејзиниот автомобил. Во Хемпшир загина маж откако неговиот камион се судрил со паднато дрво, а во североисточна Англија животот го загуби средовечен маж.
Во Ирска, 60-годишен маж загина при пад на дрво во округот Вексфорд, каде што работел.
Отпадоците што ги носеше ветрот и од оштетената инфраструктура, урнатите покриви и паднати ѕидови, предизвикаа повреди.

Бурата Јунис, што настапи по бурата Дадли, ја погоди Велика Британија вчера утрото, а Метеоролошката управа ја опиша како најлошата бура во Велика Британија во последните децении.
Според Метеоролошката управа, брзина на ветрот од 196 километри на час била регистрирана на островите Вајт. Претходно, најсилниот ветер е регистриран во 1979 година.
Невремето предизвика хаос низ Британските Острови, како и во многу земји од Западна Европа, како Германија, Холандија и Белгија, каде што загинаа уште четири лица.
Милиони луѓе во Велика Британија беа предупредени од Владата и Метеоролошката управа да не излегуваат надвор од домовите. Над 400.000 домови се соочија со прекин на електричната енергија поради силните ветрови и дождот.
Голем број патни линии беа откажани. Летовите до и од Велика Британија беа откажани, а авиокомпаниите низ Англија и Велс беа принудени да ги откажат слетувањата или да ги пренасочат летовите на други места. Откажани беа и јавните и спортските настани.
Во Лондон, Милениумската купола на познатата О2 Арена е тешко оштетена, силните ветрови уништија делови од покривот. Неколку лица од зградата се повредени.
Владата одржа вонредна седница на која се разговараше за евентуалните вонредни мерки доколку невремето се влоши и предизвика дополнителни штети.